Регионална конференција „Проширувањето на ЕУ на крстопат“

ЗАЕДНИЧКА ДЕКЛАРАЦИЈА

Ние, членовите на Подгорички Клуб,

Реафирмирајќи ги водечките начела на Подгоричкиот Клуб во процесот на дефинирање на заедничката „Визија за Западниот Балкан до 2030“ и „Нов наратив за Западниот Балкан“,

Поздравувајќи ја Комуникацијата на Комисијата „Кредибилна перспектива за проширување за зајакнат ангажман на ЕУ со земјите од Западниот Балкан“ од 6 февруари 2018 г.,

Истакнувајќи го досега постигнатиот напредок на државите кандидати и државите потенцијални кандидати во процесот на интеграција во ЕУ, како и нивната заложба за усогласување со Декларацијата од Софија, донесена на Самитот ЕУ - Западен Балкан, одржан во Софија на 17 мај 2018 г.,

Земајќи ги предвид заклучоците на Советот за проширување и за процесот на стабилизација и асоцијација, коишто Советот ги донесе на 26 јуни 2018 г.,

Давајќи целосна поддршка на склучувањето на Спогодбата од Преспа, што пак од своја страна придонесе кон регионалната стабилност, интензивирање на регионалната соработка и зајакната евро - атлантска перспектива на Регионот,

Нагласувајќи ја потребата од интензивирање на брзината на спроведување на реформите поврзани со ЕУ агендата, ставајќи при тоа особен акцент на реформите во областите на владеењето на правото, особено борбата против корупцијата, организираниот криминал и насилниот екстремизам, потоа доброто владеење и јакнењето на демократските институции, реформата на јавната администрација и темелните права, а во склад со Целите на ОН за оддржлив развој,

Потврдувајќи дека за евро - атлантската агенда на Западниот Балкан не постои друга алтернатива и при тоа повикувајќи на мобилизацијата на целото општество преку примена на начелото на инклузивност во спроведувањето на итните реформски приоритети,

Изразувајќи пофалби за улогата на Советот за регионална соработка во унапредувањето на регионалната соработка, спроведувањето на Повеќегодишниот акциски план за регионална економска интеграција, како еден од досегашните главни резултати од Берлинскиот процес, како и во давањето поддршка за интеграција на земјите од Западниот Балкан во ЕУ,

Подвлекувајќи дека кредибилната перспектива за пристапување е клучниот двигател за трансформирање на општествата преку внатрешни реформи, што пак придонесува кон градење на демократските капацитети и јакнењето на регионалната соработка,

Имајќи ги предвид внатрешните политички случувања во ЕУ и современото геополитичко опкружување,

СЕ СОГЛАСИВМЕ

Да ја повикаме Европската унија и нејзините лидери да ја одржат отворена кредибилната перспектива за пристапување, врз основа на строги, но правични критериуми за пристапување, во склад со поединечните заслуги и постигања на секоја држава,

Да ги повикаме државите кандидати и државите потенцијални кандидати да продолжат со спроведување на реформите, со цел не само да се исполнат предусловите поставени од ЕУ, туку и со цел да го забрзаат процесот на социоекономско усогласување со ЕУ;

Да го поздравиме исходот од европските избори, на кои убедливо мнозинство освоија политичките сили коишто го поддржуваат проширувањето на Унијата,

Да ја нагласиме важноста да се задржи позитивната динамика во процесот на проширување, преку донесување на стратешки одлуки во однос на сите земји кои се веќе во процес на преговарање, потоа во однос на земјите кандидати и земјите потенцијални кандидати,

Во овој контекст, од суштинска важност е да се донесе одлука за определување датум за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија,

Да истакнеме дека натамошното одолжување на донесувањето на овие одлуки во современото геополитичко и геоекономско опкружување би можело да има особено негативно влијание врз развојот на настаните и на внатрешен план во самите држави, но и во целиот Регион. Впрочем, сите сме сведоци на предизвиците во однос на светскиот поредок, заснован на споделени демократски и општествени вредности и можното негативно влијание на таквите предизвици врз Западниот Балкан.

Ретроградните политики на поделби, спротивни на регионалната соработка, кои им даваат поттик на изолационизмот, политиката на одвраќање и кои се темелат на популизам, наместо на споделени вредности и европски стандарди, за жал не се само далечно историско минато и претставуваат сериозна закана за Западниот Балкан.

Ваквите идентитаристички политички идеи се чини дека повторно се стекнуваат со растечка глобална релевантност, заканувајќи се со тоа уште повеќе да го поткопаат концептот на споделени вредности и мултилатерализмот, демократските норми и индивидуалните права и слободи.

На 20- годишнината од промовирањето на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа во Сараево, како сеопфатна стратегија за градење на односи на безбедност, стабилност и развој, по ужасните војни, ние, членовите на Подгоричкиот Клуб, ја изразуваме нашата подготвеност да дадеме сè од себе со цел да спречиме Западниот Балкан повторно да стане жртва на ретроградните идеи и трендови.

Следствено, ги повикуваме ЕУ и сите релевантни меѓународни актери кои го промовираат мултилатерализмот, да ги подржат нашите напори, да ги увидат предизвиците и да ни помогнат да го одбраниме европскиот наратив на проширување, повторно поврзување и интеграција и тоа не само преку бирократските норми на пренесување на европското законодавство, туку и со храбри и далекосежни политички одлуки.

Скопје, 4 јуни 2019 г.

Членови на Подгорички Клуб