РЕГИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА

„ПРОШИРУВАЊЕТО НА ЕУ НА КРСТОПАТ“

Скопје, јуни 2019 г.

Вовед

Европската перспектива на Западниот Балкан е движечката сила која овозможи трансформација на Регионот, истовремено помагајќи да се спроведат сеопфатните политички и економски реформи и да се подобрат демократските процеси. Во новата Стратегија за проширување на ЕУ (донесена на 5 февруари 2018 г.) повеќепати се нагласува дека процесот на пристапување кон ЕУ е историска можност за земјите од Западниот Балкан, а просецот на пристапување е и ќе остане процес заснован на заслуги, кој целосно зависи од објективниот напредок, којшто го постигнала секоја земја.

Во целите на натамошно јакнење на перспективата за пристапување кон ЕУ, како и да се даде поддршка на процесот на трансформација на овие земји, Европската комисија (ЕК) воведе Шест носечки иницијативи, приложени кон Стратегијата, коишто се насочени на конкретни области од заемен интерес: владеење на правото, безбедност и миграции, социоекономски развој, транспортна и енергетска конективност, дигитална агенда и добрососедски односи.

Актуелна состојба во просецот на пристапување кон ЕУ

Црна Гора, која постигна најголем напредок во овој процес, ги започна пристапните преговори на 29 јуни, 2012 г. Во период од седум години, отворени се 29 Поглавја, а само 3 Поглавја се условно затворени (Наука и истражување, Образование и култура, Надворешни односи). Поглавјето 34 (Институции) и Поглавјето 35 (Останати прашања) не се применливи за Црна Гора, во оваа фаза. Единственото Поглавје кое преостанува да се отвори е Поглавјето 8- Политика во областа на конкуренцијата.

Србија ги започна пристапните преговори на 21 јуни 2014 г. Досега се отворени само 14 од вкупно 35 Поглавја, додека две Поглавја (за Наука и истражување и за Образование и култура) се условно затворени.

Северна Македонија се стекна со статус на земја-кандидат за членство во ЕУ уште во 2005 г. Во периодот од октомври 2009 г. па сè до 2015 г., ЕК одново и даваше препораки за отворање пристапни преговори. Во 2015 г., препораката беше условена од континуираното спроведување на Договорот од Пржино и постигнување суштински напредок во спроведувањето на Итните реформски приоритети. Во април 2018 г., ЕК даде „јасна“ препорака за почеток на преговорите за членство. Сепак, на Советот во јуни 2018 г. препораката не беше одобрена и наместо тоа се трасираше патот за почеток на пристапните преговори во јуни 2019 г.

Албанија доби статус на земја-кандидат за членство во јуни 2014 г. Во април 2018 г., ЕК даде препорака за почеток на пристапните преговори, но на Советот во јуни 2018 г. се трасираше патот за почеток на пристапните преговори во јуни 2019 г.

Босна и Херцеговина- Спогодбата за стабилизација и асоцијација влезе во сила на 1 јуни 2015 г., додека на 15 февруари 2016 г. Босна и Херцеговина го поднесе барањето за членство во ЕУ. Во септември 2016 г., Советот на ЕУ ја повика Комисијата да даде мислење за барањето за членство на Босна и Херцеговина. Се очекува ЕК да го даде мислењето на 29 мај 2019 г.

Косово- Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Косово влезе во сила на 1 април 2016 г. Во мај 2016 г., ЕК предложи укинување на визниот режим за Косово. Во јули 2018 г., ЕК потврди дека Косово ги исполнува сите потребни одредници за либерализација на визниот режим со ЕУ. На 21 март 2019 г., Европскиот парламент го потврди безвизниот режим на патување за граѓаните на Косово.

Исто така треба да се земат предвид и следниве согледувања:

- Во текот на 2018 г., Црна Гора и Србија отворија само по 2 Поглавја во текот на преговорите;

- И покрај склучувањето на Спогодбата од Преспа и напредокот во спроведувањето на реформската агенда, во јуни 2018 г. Европскиот Советот одлучи да го одложи донесувањето на одлука за отворање на пристапни преговори со Северна Македонија за јуни 2019 г. Ваквото одложување на одлуката секако имаше влијание на исходот на референдумот за прашањето на името.

- И покрај искажаните пофалби за напредокот што го постигна Албанија, особено во областа на реформа на судството, слично како и во случајот на Северна Македонија, Европскиот совет одлучи да го одложи донесувањето на одлука за почеток на преговори за членство за јуни 2019 г.

- И покрај јасната потврда од страна на ЕК дека Косово ги исполнува сите потребни одредници, Советот на ЕУ (Министрите за внатрешни работи) сè уште не донел одлука за доделување безвизен режим на патување.

- Месец јуни оваа година треба да биде месец кога ќе се постигне суштински напредок во процесот на проширување со Албанија и Северна Македонија, при што двете земји заслужено би го добиле датумот за почеток на преговори за членство, додека на Босна и Херцеговина би ѝ било дадено позитивно мислење за поднесеното барање за членство во

- ЕУ. Во спротивно тоа ќе биде месец на уште едно разочарување, коешто би можело да има особено негативно влијание во сегашното геополитичко опкружување.

- Нема алтернатива за членството засновано на заслуги, со оглед на тоа што токму перспективата за членство во ЕУ е главната движечка сила, којашто поттикна далекусежни промени во целиот Регион.

И ЕУ и земјите од Западниот Балкан треба да вложат дополнителни напори со цел да спречат растечкиот популизам низ цела Европа да ја поткопа перспективата за членство во ЕУ на земјите од Западниот Балкан.

Улогата на Берлинскиот процес

Промовиран пред 6 години, целта на Берлинскиот процес е да внесе нова динамика во регионалната соработка, приближувајќи го Западниот Балкан кон ЕУ, како и подобро да ги подготви земјите за идното членство во ЕУ, преку зајакната регионална соработка во неколку клучни области: економски раст и конективност, добрососедски односи, развој на граѓанското општество и директни контакти меѓу граѓаните. Секако, овој Процес има поволно влијание врз регионалната соработка, при што започнати се повеќе проекти и иницијативи.

Скептиците во однос на проширувањето за овој Процес велат дека не е ништо друго освен алтернатива за членство во ЕУ. Сепак, оние кои го поддржуваат проширувањето на ЕУ, гледаат на Процесот како на алатка со која може да се обезбеди дополнителна поддршка за интеграцијата во ЕУ. Сепак и двете страни се согласуваат дека главните прашања во контекст на овој Процес се однесуваат на постигнатите конкретни резултати и степенот на спроведување на проектите, или со други зборови повеќе проекти има на хартија отколку што реално се спроведуваат на терен.

Во првите неколку години, најзабележителните резултати се постигнаа со формирањето на Регионална канцеларија за младинска соработка (РИКО) и Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ), како и со потпишувањето на Декларацијата за регионална соработка и за решавање на билатерални спорови.

Активностите се интензивираа со донесувањето на Повеќегодишниот акциски план за регионална економска област на шесте земји од Западниот Балкан, финансирана од ЕК. На Самитот на Берлинскиот процес, одржан на 12 јули, 2017 г. во Трст, лидерите на шесте земји од Западниот Балкан дадоа поддршка за овој Акциски план. Советот за регионална соработка (СРС) е надлежен за координирање на активностите за спроведувањето на овој Акциски план. Според СРС, 2019 година треба да биде година на видливи резултати во спроведувањето на Повеќегодишниот акциски план. Потпишувањето на Спогодбата за роаминг меѓу земјите од Западен Балкан, за време на Дигиталниот самит (одржан на 4-5 април 2019 г., во Белград) секако преставува крупен чекор напред во досегашното спроведување на Повеќегодишниот акциски план. Од јули 2019 г., граѓаните и деловните субјекти во Регионот ќе плаќаат значително намалени давачки за роаминг. Спогодбата предвидува RoamLike@Home, односно укинување на давачките за роаминг до јули 2021 г. Спроведувањето на оваа Спогодба го отвора патот кон идно намалување на давачките за роаминг со државите-членки на ЕУ.

Значењето на активностите за регионална соработка во оваа рамка е прифатено и од граѓаните во целиот Регион, кои, според Анкетата Балкански барометар спроведена од СРС, во огромно мнозинство ја поддржуваат регионалната соработка како предуслов на патот кон интеграција во ЕУ, од кој нема враќање. Уште од почетокот на спроведувањето на Балканскиот барометар во 2015 г. како регионално истражување на јавното мислење, јавната поддршка за регионалната соработка и интеграцијата во ЕУ никогаш не била под 60% од граѓаните на регионално ниво.

Јавна поддршка од ваков обем и големите очекувања мора да бидат придружени од силна заложба и неуморна работа на сите засегнати страни. СРС треба да ја задржи централната улога во овој контекст, а со целосна поддршка од ЕУ и владите на сите земји од Регионот.

Потреба од нов импулс/ обновена поддршка од ЕУ за Западниот Балкан

Нов импулс во овој контекст не значи само повторување на заложбите, туку и преземање на конкретни дејствија. Владите на земјите во Регионот немаат време за да ги одложуваат реформите, а државите-членки на ЕУ не треба да ја искористуваат потребата од внатрешни реформи како изговор за да го одложат проширувањето. Проширувањето може и треба да се одвива паралелно со напорите за градење на посилна Европа и борбата против идентитетскиот популизам, којшто се залага за подигање на нови ѕидови и поделби. Ова само ја потврдува перцепцијата за која се дискутира веќе подолг период и во Регионот и во ЕУ. Наместо ситуација во која сите се добитници, се движиме кон ситуација во која сите губат. Моментната состојба не е одржлива на долгорочна основа.

Земјите кои имаат аспирации за членство во ЕУ од своја страна критикуваат, нагласувајќи дека се доведува во прашање кредибилитетот на ЕУ, а од своја страна ЕУ не ги исполнува искажаните заложби и се создаваат ситуации на постојано одложување / нудење изговори за застојот во процесот на проширување и покрај интензивните напори кои се вложуваат и темелниот напредок којшто се постигнува во спроведувањето на реформската агенда. Сè повеќе се засилува чувството на недоверба и разочарување.

Од своја страна, ЕУ тврди дека се доведени во прашање сеопфатните реформи во главните области и дека земјите-кандидати за членство во ЕУ постигнуваат незабележителни резултати во спроведувањето на реформската агенда. Се менуваат и формулациите: „земјите- кандидати потенцијално би можеле да бидат подготвени во временска рамка до 2025 г.“; „оваа перспектива е преамбициозна“; „потребно е време за рефлексија“; „потребни ни се внатрешни реформи, за да станеме посилни и поцврсти, пред да се прошириме“; „нема визна либерализација до 2020 г.“, итн.

Европските избори ќе се одржат на 23-26 мај 2019 г. Според неофицијалните најави, ЕК ќе го усвои Годишниот пакет за проширување за 2019 г., којшто ќе ги содржи и извештаите за напредокот на секоја земја на 29 мај . Според очекувањата, ЕК ќе препорача почеток на преговори за членство со Северна Македонија и Албанија и ќе даде (позитивно) мислење за барањето за членство во ЕУ на Босна и Херцеговина.

Следствено, следните состаноци на Советот за надворешни работи (17 јуни 2019 г.) и на Европскиот совет (20-21 јуни 2019 г.) нема да бидат „вообичаени“ состаноци, со оглед на важните одлуки кои треба да се донесат во однос на процесот на проширување на ЕУ. Земајќи го предвид фактот дека во одредени држави- членки давањето зелено светло за почеток на преговорите за членство зависи од одобрувањето/ратификацијата од страна на нивните парламенти, тешко е да се предвиди дали целата постапка ќе биде завршена до одржувањето на состаноците на Советот. Дури и да биде навреме завршена целата постапка, се чини дека консензусот меѓу државите- членки да се придвижи напред агендата за проширување е далеку од постигнат.

Треба да се подвлече дека одредени држави - членки на ЕУ, коишто најмногу се противат на продолжувањето на процесот на проширување на ЕУ, истовремено се и најгласните противници на соработката на земјите од Западниот Балкан со Кина, Русија и Турција. Останатите држави- членки пак тврдат дека продолжувањето на процесот на проширување ќе даде дополнителен поттик на ултра-десничарските сили во ЕУ, на сметка на демократијата и либералните вредности.

Во основа, има неколку важни фактори кои ќе го диктираат развојот на идните настани во однос на процесот на проширување: исходот од изборите за Европскиот парламент, составот на новата Европска комисија и новата Повеќегодишна финансиска рамка за периодот од 2021 до 2027 г.

Потреба од нов импулс/ обновена поддршка од ЕУ за Западниот Балкан

Цели на Конференцијата

Обезбедувањето на поддршка за пристапувањето на земјите од Западниот Балкан кон ЕУ е еден од темелите на политиките на Подгоричкиот Клуб, којшто е насочен кон дефинирање на заедничка „Визија за Западниот Балкан до 2030“ и „Нов наратив за Западниот Балкан “. Со оглед на сегашната состојба со процесот на проширување на ЕУ и сè уште сложената регионална состојба, Конференцијата ги има следниве цели:

Потпишување на Заедничка декларација за важноста од донесување на позитивни одлуки на претстојните состаноци на Советот, упатена до високите претставници на ЕУ: Доналд Туск, Претседател на Европскиот Совет, Жан-Клод Јункер, Претседател на Европската комисија, Федерика Могерини, Висок претставник на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика и Потпретседател на Комисијата и Јоханес Хан, Европски комесар за европската соседска политика и пристапни преговори;

Подигање на свеста за негативното влијание на национално и регионално ниво што би произлегло од евентуалното натамошно одложување на процесот на проширување;

Определување на начините на кои Подгоричкиот Клуб би можел да даде дополнителна поддршка за:

1) Процесот на пристапување кон ЕУ на земјите од Западниот Балкан;

2) Регионалната соработка, како еден од клучните предуслови за агендата за проширување; и

3) Испорачување на конкренти резултати во рамките на Берлинскиот процес/ Спроведување на Повеќегодишниот акциски план за регионална економска област во Западниот Балкан.

Формат на учество во Конференцијата

Од Северна Македонија:

-Претседател на Република Северна Македонија како воведничар, високи официјални претставници и / или учесник / говорник на една од сесиите (Претседателот на Владата Заев, Заменик претседателот на Владата Османи, Министерот за надворешни работи Димитров, Главниот технички преговарач , Маричиќ)

- Високи официјални претставници на Владата како воведничар(и) и/или учесник/говорник на една од сесиите (Претседателот на Владата Заев, Заменик претседателот на Владата Османи, Министерот за надворешни работи Димитров, Главниот технички преговарач , Маричиќ),

- Претставници на невладини организации кои работат на прашања поврзани со процесот на пристапување кон ЕУ – Институтот за европска политика (ЕПИ), Скопје.

Од Регионот:

- Основачи, како и назначени членови на Подгоричкиот Клуб,

- Г-ѓа Мајлинда Брегу, Генерален секретар на СРС.

Од ЕУ:

- Самуел Жбогар, Шеф на Делегација на ЕУ во Северна Македонија,

- Амбасадори на државите – членки на ЕУ во Северна Македонија,

- Шефови на Делегациите на ЕУ во земјите од Западниот Балкан,

- Висок претставник-воведничар од Европската комисија:

1. Кристијан Даниелсон, Генерален директор на Директоратот за соседство и пристапни преговори, или

2. Џеновева Луиз Калавера, Директор за Западен Балкан во Директоратот за соседство и пристапни преговори.