Регионална конференција „Проширувањето на ЕУ на крстопат“


„Во организација на Кабинетот на поранешниот претседател на Република Северна Македонија г-дин Бранко Црвенковски и Подгоричкиот Клуб, на 4ти јуни 2019 година во хотел Double Tree by Hilton, Скопје се одржа Регионална конференција „Проширувањето на ЕУ на крстопат“.
Обезбедувањето на поддршка за пристапувањето на земјите од Западниот Балкан кон ЕУ е еден од темелите на политиките на Подгоричкиот клуб, којшто е насочен кон дефинирање на заедничка „Визија за Западниот Балкан до 2030“ и „Нов наратив за Западниот Балкан“. Членови на Подгоричкиот клуб, формиран на 1 февруари 2019 година, се поранешни претседатели и премиери од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Словенија, Србија, Хрватска и Црна Гора.

На конференцијата, покрај поранешниот претседател Црвенковски како домаќин, учествуваа и поранешните претседатели на Албанија Алфред Мојсиу и Реџеп Мејдани, поранешниот претседател на Црна Гора Филип Вујановиќ, поранешниот претседател на Косово Фатмир Сејдиу, поранешната премиерка на Хрватска Јадранка Косор и поранешниот претседател на Хрватска Стипе Месиќ, поранешниот претседател на Словенија Данило Тирк, поранешниот премиер на Србија Мирко Цветковиќ, како и поранешниот претседавач на Советот на министри на Босна и Херцеговина Златко Лагумџија. Конференцијата започна со поздравно обраќање од страна на претседателот на Република Северна Македонија, г-дин Стево Пендаровски. Како гости беа поканети и амбасадори од земјите членки на ЕУ, како и амбасадори од земјите од каде доаѓаат членовите на Подгоричкиот клуб, претставници од бизнис заедницата и од невладиниот сектор.

На конференцијата беше усвоена заедничка декларација за важноста од донесување на позитивни одлуки на претстојните состаноци на Советот, а која беше упатена до највисоките претставници на Европската унија.



Информации за настанот